Граѓаните да излезат масовно на локалните избори, за да влеземе што поскоро во град Скопје и да ги решаваме работите, порача денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампања.

– Да влеземе прво во град Скопје. Од оние информации што ги имаме добиено, а се аларматни, таму има многу работи што треба да се решат, пред се, должничко-доверителни односи. Затоа ги замолувам граѓаните да излезат масовно на 19 октомври, Орце Ѓоргиевски да биде идниот градоначалник и да можеме што поскоро да влеземе во администрацијата и да ги надминеме сите предизвици со кои ќе се соочиме, рече Мицкоски, на новинарко прашање.
Според Мицкоски, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот регион на денешената средба во Стопанска комора на северо-западна Македонија имале искрена и плодна дебата која се темелела на реални и конкретни примери кои треба да се завршат.
Приоритет, најави, ќе биде завршување на патната клучка кај Момин Поток и патот кон Индустриската зона.
– Со право реагираат стопанствениците во овој дел на градот Скопје, бидејќи гледате во каква состојба е пристапот во оваа зона, се уште клучката до Момин поток е до никаде, а учеството на оваа зона во БДП е значително. Тоа ќе ни биде еден од врвните приротети, завршување на клучката и реконструкција на патот до зоната. Исто така, во текот на овој месец очекуваме конечно да се заврши сагата за автопатот Скопје-Блаце и конечно очекуваме да добиеме понуда во рамките на планираните средства што се за таа намена, изјави Мицкоски.
Ги запознал претставниците на Комората со макроеркономската состојба и што е испорачано од разговараното пред изборите во минатата година, како и очекувањата за наредниот период.
Нихи Алиу, в.д. претседател на Стопанска комора на северо-западна Македонија посочи дека ги презентирале нивните проблеми и предлози, како и платформата на Комората. Тој рече дека видел сериозност во пристапот на тимот на Мицкоски од 15-те присутни градоначалници на средбата, а напомена и дека голем дел од нивните укажувања во претходниот период станале дел од изборната програма на партијата.
– Имаше разни предлози, но имаше и одговор за решение на нашите предлози од кандидатите за градоначалници, меѓу кои и кандидатот за Скопје. Се вклучуваше и премиерот кој ни даде многу детални информации за макроекономската состојба. Како Стопанска комора сме многу задоволни за начинот како оваа екипа ги гледа проблемите и како сака да ги реши со конкретни одговори, изјави Алиу.
Тој оцени дека главните пробеми се во однос на комуналните и јавните претпријатија во рамки на Град Скопје кои, истакна, не функционираат како што треба.
– Исто така и за Индустриската зона Визбегово, каде патот е за никаде – за една инсустриска зона со сто милиони обрт годишно, над 8 илјади вработени и која учествува во БДП со 7,5 проценти. Оваа зона заслужува да има подобар пат и од кандидатот за градоначалник добивме уверување дека тоа ќе биде приоритет, рече Алиу.