Мицкоски: Да се излезе масовно на избори

Граѓаните да излезат масовно на локалните избори, за да влеземе што поскоро во град Скопје и да ги решаваме работите, порача денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампања. 

– Да влеземе прво во град Скопје. Од оние информации што ги имаме добиено, а се аларматни, таму има многу работи што треба да се решат, пред се, должничко-доверителни односи. Затоа ги замолувам граѓаните да излезат масовно на 19 октомври, Орце Ѓоргиевски да биде идниот градоначалник и да можеме што поскоро да влеземе во администрацијата и да ги надминеме сите предизвици со кои ќе се соочиме, рече Мицкоски, на новинарко прашање.  

Според Мицкоски, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот регион на денешената средба во Стопанска комора на северо-западна Македонија  имале искрена и плодна дебата која се темелела на реални и конкретни примери кои треба да се завршат. 

Приоритет, најави, ќе биде завршување на патната клучка кај Момин Поток и патот кон Индустриската зона. 

– Со право реагираат стопанствениците во овој дел на градот Скопје, бидејќи гледате во каква состојба е пристапот во оваа зона, се уште клучката до Момин поток е до никаде, а учеството на оваа зона во БДП е значително. Тоа ќе ни биде еден од врвните приротети, завршување на клучката и реконструкција на патот до зоната. Исто така, во текот на овој месец очекуваме конечно да се заврши сагата за автопатот Скопје-Блаце и конечно очекуваме да добиеме понуда во рамките на планираните средства што се за таа намена, изјави Мицкоски.   

Ги запознал претставниците на Комората со макроеркономската состојба и што е испорачано од разговараното пред изборите во минатата година, како и очекувањата за наредниот период. 

Нихи Алиу, в.д. претседател на Стопанска комора на северо-западна Македонија посочи дека ги презентирале  нивните проблеми и предлози, како и платформата на Комората. Тој рече дека видел сериозност во пристапот на тимот на Мицкоски од 15-те присутни градоначалници на средбата, а напомена и дека голем дел од нивните укажувања во претходниот период станале дел од изборната програма на партијата.

– Имаше разни предлози, но имаше и одговор за решение на нашите предлози од кандидатите за градоначалници, меѓу кои и кандидатот за Скопје. Се вклучуваше и премиерот кој ни даде многу детални информации за макроекономската состојба.  Како Стопанска комора сме многу задоволни  за начинот како оваа екипа ги гледа проблемите и како сака да ги реши со конкретни одговори, изјави Алиу.

Тој оцени дека главните пробеми се во однос на комуналните и јавните претпријатија во рамки на Град Скопје кои, истакна, не функционираат како што треба.

– Исто така и за Индустриската зона Визбегово, каде патот е за никаде – за една инсустриска зона со сто милиони обрт годишно, над 8 илјади вработени и која учествува во БДП со 7,5 проценти. Оваа зона заслужува да има подобар пат и од кандидатот за градоначалник добивме уверување дека тоа ќе биде приоритет, рече Алиу.

Шукова: Жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања

Кејот во Ѓорче Петров, требаше да биде симбол на урбано зеленило и активен живот, истакна Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје, порачувајќи дека жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања.

„Се сеќавате што ветија? Зелен спортски кеј, 40 километри вело и еко коридори. А што добија жителите, ниту спорт, ниту зеленило, само запуштен простор и уште едно разочарување. Ѓорче Петров е оставена општина, како да не е дел од Скопје“, истакна Шукова во изјава за медиумите.

Таа го посочи конкретниот потег од Влае до Хром, долг само еден ипол километар, како вистинска слика за неработењето и игнорирањето на основните потреби на граѓаните од страна на ВМРО ДПМНЕ. Според неа, тоа не е само урбанистички, туку и политички пропуст, симбол на нефункционален град.

„Ако некој не знае да поврзе само еден километар ипол, како очекувате да поврзе град, идеи и луѓе?“, праша Шукова.

Шукова најави проект за целосно уредување на овој простор. Планирана е современа, безбедна и зелена пешачко-велосипедска патека која ќе стане дел од континуирана, урбана врска помеѓу Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба, вистинска зелена оска низ срцето на градот.

Во фокусот е создавање на простор којшто не служи само за транзит, туку за живот. Решенијата опфаќаат уредено корито, ново зеленило, јавни простори достапни за сите генерации и нов урбан пулс којшто ја враќа довербата на граѓаните во можноста за уреден, функционален и здрав град.

Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку како точка од која започнува вистинското поврзување.

„Имаме план, имаме решение, знаеме како. Нема повеќе празни ветувања ова е почетокот на ново, поврзано, зелено и живо Скопје“, истакна Шукова.

Добри вести за возачите: Горивата со нови цени

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар по литар, а цената на дизел горивата се намалува за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 отсто во споредба со претходната пресметка.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 е 73 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 75, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 68, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 67,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,001 денар по килограм се зголемува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и изнесува 36,661 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 3,358 отсто, кај дизелот за 2,566, кај екстра лесното масло

за 2,450 и кај мазутот за 0,645 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110 отсто.

Популарно