Грчев: Јас ќе платам да се тргне „Воинот на коњ“ од плоштадот во Скопје

Професорот Мирослав Грчев, кој неколку месеци за српски медиум изјави дека Македонија и македонската нација се измислени од Тито, е член на Комисијата која го чешла проектот. Тој вели дека Стефановска била преплатена со 1,5 милиони евра. Споменикот, пак, вели чини околу осум милиони евра, што не би било случај доколку го направел и најскапиот уметник во светот.

-Во случајот со Воинот на коњ, морам да речам дека се е спорно. Најголем прекршок кај сите споменици, вклучувајќи го и овој, е тоа што е направена суспензија на надлежноста на Собранието, што според мене е еднакво на злосторничко здружување. Станува збор за една буквално бандитска мафијашка постапка каде се фрлени пари, поконкретно фрлени осум милиони евра. Тоа не би не чинело толку и најскапиот уметник да го ангажиравме. А да и дадеме милион и шестотини илјади евра на име на една скулпторка е чист криминал, не верувам дека постои толкав хонорар – вели Грчев.

Дали ќе има кривична одговорност за дел од уметници, членовите на Комисијата не можат да предвидат. Посочуваат дека тие не се истражни органи, туку само експерти кои ќе ги констатираат неправилностите.

Елаборатот за Воинот на коњ е веќе пред еден месец доставен до Министерството за култура. Меѓу готовите извештаи се и тие за скулптурата на споменикот на Андон Јанев Ќосето, за спомен обележјето на Мајка Тереза, како и за Порта Македонија.

За сите овие објекти Комисијата и предлага на Владата да се дислоцираат, отстранат или срушат. Како што објаснува професорот Грчев, тие се поставени спротивно на законите и тоа ги прави дивоградби. Освен тоа, додава, нивното понатамошно постоење ќе го продолжува насилството на претходниот режим врз јавниот простор.

-Кога ќе утврдиме дека Воинот на коњ е плод на злосторничко здружување, дека со тој споменик се врши атак на уставниот поредок, дека е плод на корумпирана кражба, дека се прекршени законите, тогаш ништо друго не преостанува освен рушење. Ние не го измислуваме тоа решение, туку е согласно законите. „Скопје 2014“ мора да се третира како природна непогода, како општествено политичка катастрофа – додава професорот.

Во врска со трошоците за евентуално рушење или дислокација, вели дека би биле минимални и дека за возврат општеството би добило многу повеќе со тоа што ќе си го врати назад јавниот простор.

-Ништо не кошта да се тргна Воинот на коњ од плоштад. Потребно е само камион со кран и четворица работници да го отштрафат, да го стават во камион и да го одвезат вон градот. Еве јас ќе го платам тоа, нека биде и моја донација за заздравување на македонското општство, за трасирање на патот од општество на кретени во демократско општество – вели тој.

Еден од следните објекти кои Комисијата ќе ги чешла ќе биде и Археолошкиот музеј. Уште од нејзиното отворање, оваа зграда се поплавува и протекува, што ја прави најспаката пропадната инвестиција од урбанистичкиот проект.

Пронајдено лице пријавено за изгубено во Парк - шумата Водно

Регионалниот Центар за управување со кризи - Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк - шумата Водно.

Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.

- Од полициската станица - Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.

Дел од Центар утре ќе остане без струја, дел од Карпош без вода

Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа, утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:

Во период од 08:30 до 14:00 ул. „Антоние Грубишиќ“, ул. „Коле Неделковски“, ул „Наум Наумовски Борче“ и ул. „Мирослав Крлежа“ во општина Центар.

На ден 08.04.2024 (понеделник) поради изведба на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.„Џумајска“ 47, прекинато водоснабдување од 10:00 до завршување на интервенцијата ќе имаат корисниците од ул.„Џумајска“ во општина Карпош.

Опожарено возило во гаражите на „Ист гејт мол“

Во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, попладнево во гаражите било опожарено едно возило, по што интервенирале од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Пожарот бил локализиран и нема повредени. По увидот на надлежните служби, како што информираат, трговскиот центар продолжил да работи.

Како што информираат од МВР, во 18:45 часот настанал пожар во патничко возило „фолксваген поло" со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.А. (62) од скопското село Кондово.

-  Пожарот бил локализиран. Повредени лица нема, се вели во соопштението од МВР.

Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации, како што информираат од трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, биле активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани, а како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица.

Од Пожарна за МИА информираа дека интервенирале со едно возило, по пријава од посетители на молот.

- Завршена е интервенцијата. Станува збор за опожарено едно возило. Службите во „Ист Гејт“ веќе почнале да го гасат. По реакција од посетители, испратено е едно возило со шест пожарникари, информираа за МИА од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

По увидот на надлежните служби, трговскиот центар, како што информираат од „Ист Гејт Мол“,  продолжил да работи со редовно работно време до 22 часот. 

Популарно