Д-Р Митов: „Нашите генерации им го згорчија зборот држава на младите“

Животни приоритети и принципи е темата во новото издание на „Нешто конкретно“. Нашите гости зборуваат за тоа како ненормалното стана нормално и како кршењето на правилата стана правило.

 Проф. Д-Р Аце Миленковски, Д-Р Александар Митов, Дина Јашари и Сања Ристиќ на едно место и со многу слични но и различни приоритети. На почетокот на емисијата зборувајќи за почитта, како ја стекнал, каде, со кого и кон кого, ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски ги испочитува гостите и водителката Снеже Велков со подароци кој им ги подели во студиото. За него најголем приоритет во животот е верата. „Се родивме овде во Македонија нашата вера ја определија бабите, дедовците, нашите родители и таа е преубава вера на која што ние и припаѓаме овдека во оваа држава, без верба во Бога ништо не правиме” рече тој и ја издвои пораката на Трамп дека никој не смее да се смета како најважен и најголем освен Бог.

Сања Ристиќ најголем приоритет си е самата себе, како мајка на две деца таа смета дека децата можат да бидат среќни и здрави и здраво да се развиваат само ако имаат среќна и здрава мајка. Таа истакна дека тој приоритет не значи оти треба да се грижи за својот физички изглед односно да си посетува масажи и фризери, туку работа на сама себе да живее во мир и спокој на душата, бидејќи само така може да делува и да биде добра мајка, добра партнерка и добра во кариерата.

 Д-Р Митов зборуваше за тоа како на младите во Македонија зборот држава им е згорчен. „Ние нашите генерации им го згорчивме зборот држава на младите, ги потсеќа на корупција, криминал и разно разни глупости и кога ќе им се каже зборот држава ги потсеќа на лошо“. Негов најголем приоритет во животот е секако семејството, но меѓу другите приоритети ја издвои својата градина каде вели дека собира енергија за сите останати обврски во текот на денот, единствено му е жал што нема повеќе време да им посвети на пријателите.

Дина Јашари се пожали од условите во државните факултети, студентските домови и потсети на тоа дека за разлика од нас во Љубљана постои бесплатно студирање и условите не се споредуваат. Но и покрај се оваа млада пејачка стои на тоа дека не сака да се отсели од Македонија за евентуална подобра иднина како што тоа го прават нејзините врсници. Разликата во возраста на нашите гости фантастично ги прикажа приоритетите на секоја една генерација кои секако со годините се менуваат.

Гледајте ја емисијата на нашиот канал на YouTube, а новата веќе следната недела од 17.00 часот на Телма.

Училиште во Турција ќе го носи името „Македонија“

Училиште именувано „Македонија“ кое ќе има 24 училници именувано по македонските градови, ќе започне со настава на 11 септември оваа година во Малатија, Турција. 

Стопанска Комора на Македонија-Турција (МАТТО) информира дека училиштето кое го носи името „Македонија“, е на површина 8 656 метри квадратни и има 24 училници именувани по градовите Скопје, Тетово, Охрид, Штип, Куманово...

Училиштето го симболизира духот на пријателството и соработката меѓу народите на Република Северна Македонија и Република Турција.

Овој проект, нагласуваат од МАТТО, освен што ќе биде еден дополнителен мост за поврзување на народите од двете држави, ќе биде уште една гордост на сите граѓани на Република Турција кои потекнуваат или имаат корени од нашата држава.

Училиштето е изградено со донацијата од еден милион евра, во која учествуваа членките на МАТТО, а со поголема сума учествуваше Црвениот Крст на Република Северна Македонија. Станува збор за донација со која се изгради едно од стотината срушени училишта во реонот Малатија.

Протоколот за соработка за изградба на училиштето беше потпишан во јули годинава од страна на МАТТО и подрачната единица на министрите за образование на Република Турција, и Валијата на Малатија. Овој проект се реализираше со поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија како и со поддршка на Сојузот на турски невладини организации во земјава (МАТУСИТЕБ), здружението ЕСНАФ, општини, образовни институции, здруженија и фондации и хумани граѓани на Република Северна Македонија.

Со изградбата на училиштето се прави чекор кој чекор кој ќе стави уште еден печат во насоката на продолжување на пријателството и солидарноста меѓу двете држави.

- Ова е чекор кој придонесува за развојот на образованието на децата кои останаа без своите училишта. Ова е чекор со кој на новите генерации ќе им се даде уште еден светол пример за хуманоста, заедништвото и пријателството меѓу двата народи, истакнуваат од МАТТО.

Училиштето „Македонија“ во Малатија е круна на сите активности на МАТТО, Црвениот Крст, МАТУСИТЕБ, организации, поединци од Република Северна Македонија, кои беа преземени со цел да се помогне на турскиот народ по разорниот земјотрес што се случи на шести февруари годинава во Турција. Турција ја погодија два земјотреси со епицентар во Кахраманмараш, јужна Турција, и со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, а предизвикаа поместување на копнената маса во Турција за три метри. По августовскиот земјотрес во 1999 година, во регионот на Мраморното Море, земјотресите од шести февруари се најмоќните и најразорните во последните 100 години. 

Кој на која фотелја ќе седне и зошто?

Во дискусиите за реформата на јавната администрација, кои се чини дека секогаш се актуелни, сѐ повеќе се зборува за мерит принципот (или принципот на заслуга) при именувањето на функционери, односно за професионализацијата на раководните позиции во јавната администрација (што би значело дека нив треба да ги пополнат лица со соодветни компетенции и програми). Различни субјекти и организации говорат на оваа тема од различни перспективи.

Домашните стручњаци и невладините организации бараат поголема имплементација на принципот на мерит. Странските експерти често нѐ советуваат како да ги измениме законите за да добиеме посоодветни директори, а меѓународните организации нѐ уверуваат дека тоа ќе нѐ доведе поблиску до интеграција во Европската Унија.

Опозицијата (независно кој ја сочинува) често критикува дека се именуваат некомпетентни лица на раководни функции. Власта, пак, независно кои партии ја сочинуваат во даден временски период, се чини дека не сака да ги напушти повеќедецениските практики да ги именува директорите, членовите на управните и надзорните одбори и слично исклучиво според сопствените преференции и партиската припадност, занемарувајќи ги професионалните компетенции.

Следствено, во епизодата „Кој на која фотелја и зошто?!“ зборуваме за примената на принципот на заслуги во јавната администрација во Република Северна Македонија. Кои позиции треба да се пополнуваат исклучиво според принципот на заслуги? Постојат ли позиции за кои, освен компетенции, е потребна и блискост до програмските определби и политиките на Владата? Како да се осигураме дека едно директорско место или друга функција ќе ја пополни соодветно лице? Може ли да важат истите правила за сите директори (на класичните органи на државната управа, на јавните претпријатија, на јавните установи)? Треба ли да постојат управни одбори во органите на државната управа и јавните претпријатија? Зошто претходната Влада од 2018 до крајот на мандатот го најавуваше Законот за висока раководна служба, но тој не се усвои? Потребен ли е ваков закон? Како се злоупотребува можноста за именување на в.д. директори?

На овие теми дискутираме со проф. д-р Ана Павловска-Данева од Правниот факултет „Јустинијан Први“, воедно и уставен судија, и со Јулијана Караи која е Виш истражувач во Институтот за Европска политика – ЕПИ.

Имаат ли перспектива младите во државава?

Драги пријатели, со голема радост го споделуваме првиот подкаст на Македонско-американската алумни асоцијација од серијалот ‘The Voice of MAAA’ (Гласот на МААА) при проектот ,,Алумни поддршка на волонтерски и воннаставни активности".

Подкастот е на тема „Перспективите на младите луѓе во нашата земја„ и во него гостуваат нашите членови Бојан Кордалов, комуниколог и Иван Дургутов, младински активист, а го модерира Катерина Топалова, новинар.

Се надеваме дека гласот на нашите членови ќе допре до младата популација во нашата земја, како и до сите заинтересирани за темата. Уживајте!

Популарно