Авион кружи над Скопје и не може да слета поради густа магла

Авио сообраќајот и утрово се соочува со проблеми поради густа магла на скопскиот аеродром. Во моментов авион од Лондон на компанијата Виз Аир кружи над Скопје и не може да слета поради намалена видливост.

По неколку обиди тој најверојатно ќе биде пренасочен кон соседството.

Од утрово, авионот не пристигна за Цирих и доцни повеќе од 4 часа. Речиси три часа доцни и авион за Истанбул, а 50 минути за Измир.

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Дваесетгодишник од Прењас се обидел нелегално да влезе на македонска територија

Полициски службеници на граничниот премин Ќафасан, на албанско - македонската граница кај Струга, во багажник на патничко возило „БМВ" открилњ лице, кое нелегално требало да биде пренесено на македонска територија.

Според Полициската управа од Корча, возилото го управувал М.Ч. (25), а затекнатото лице во багажникот е А.Б.(20), двајцата од пограничното гратче Прењас.

М.Ч. е уапсен и ќе одговара за кривично дело „помош за илегално преминување на државната граница“, а за сторено кривично дело „недозволено преминување на државната граница“ ќе одговара А.Б.

Мицкоски: Нашата иднина е да изградиме модерна и безбедна инфраструктура

Нема подобар начин да ви ги честитаме празниците освен со она што најдобро знаеме да го правиме, работа и резултати, вели премиерот Христијан Мицкоски.

„Драги пријатели, почитувани сограѓани, патот по кој чекориме заедно со министерот за транспорт, Александар Николоски е новиот експресен пат Чатал - Длабочица - Крива Паланка во должина од 25,5 км, кој е голем чекор напред за нашата инфраструктура и економија.

Со вакви проекти Македонија ќе го зајакне своето место на Балканот како важен транспортен коридор.

Нашата иднина е да изградиме модерна и безбедна инфраструктура.

Ветивме и исполнуваме! Македонија со секој ден станува сѐ повеќе ваша и се враќа на народот.

Нема подобар начин да ви ги честитаме празниците освен со она што најдобро знаеме да го правиме, работа и резултати!“, стои во објавата на премиерот Христијан Мицкоски.

Популарно