ПОФАЛБA НА ОБРАТНОСТА. Горан Стефановски маестрално за моменталната состојба во Македонија

Еве, на пример, еден ваков стоп кадар: Во една населба, во една зграда, во еден стан, во една фамилија се слави шестиот роденден на едно девојче. Собрани се роднини, пријатели и соседи. Се поставуваат маси, се готви во кујната, децата играат под масата со подароците на славеничката. Возрасните се веќе полупијани и со мезе жестоко расправаат за политика. Партиски се поделени во два табора, гласни се и не се дослушуваат. Некој вели: аман доста со политика, само немојте за политика, нели рековме нема за политика. Но веќе е отидено предалеку. Ситуацијата е вжештена, се води бурна дискусија. Среде кавгата, некој силно удира со тупаница по масата. Пауза. Тишина. Сѐ сопира. Домаќинката застанува на вратата од кујната со руска салата во рацете, децата излегуваат од под маса да видат што се случило, непријатна напнатост во воздухот.

За беља јас влегувам токму во тој момент. Доцнам. Не разбирам точно што се случува. Одеднаш сите се вртат кон мене. Шестгодишната славеничка ме одмерува од глава до петици, како да сака да провери каков подарок ѝ носам. Ме гледа право во очи. Збунет сум. Седнувам. Возрасните се нестрпливи да оценат која страна ќе фатам во расправата. Велат, ти си шетан човек, на чија страна си, за кого навиваш.

Интересен сум само во тој дел од секунда, додека не се изјаснам, додека не видат на кој тас ќе го ставам мојот политички влог. Чекаат брзопотезно решение не квадратура на кругот. Шеговито велам дека сум драмски писател и дека ме интересираат сите страни. Се препотувам. Разочарани се, ме гледаат кисело. Веднаш ме исклучуваат и од двете партии. Очекувале графит, а не пиеса.

Блиц. Стоп кадарот се откочува. Кавгата продолжува без мене, од истата точка на која пред малку беше прекината. Сите се враќаат на своите барикади. Повторно корида, се коле бикот во арената. Никој веќе не ми обраќа внимание. Кој има време, нерви и кеиф да слуша образложенија подолги од една реченица. Кажи човече просто, петка или глава, риба или девојка?

11203060_10207114987856426_7642374577481866391_n

ТАПОГЛАВИ И ШИЛОГЛАВИ

Во една земја народот е поделен на две завојувани страни. Едни веруваат дека јајцата треба да се кршат само од тапата страна, а други исклучиво од заоблената. По тоа прашање се води војна од памтивек и луѓето се замразени. Навиваат строго за своите и ги обвинуваат оние другите дека се на погрешната страна на историјата.

Ова, се разбира, се однесува на земјата Лилипут од Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт од 1726. Сатиричната поента е дека ние најчесто проблемите не ги гледаме поединечно и неутрално туку ги мериме ѓутуре, од око, низ призмата на групата на која припаѓаме.

На оваа тема Бертолд Брехт во 1931 напишал антинацистичка сатира за земјата Јаху, во која еден режим, за да ја одржи власта, ги саска луѓето со обли глави против оние со зашилени глави.

Ех, колку ќе беше едноставно да умеевме да седнеме и да се договориме дека јајцaта може да се кршат и од двете страни. Ќе беше, ама не е.

Обидите за договор се доживуваат како попуштање, предавство на интересите на групата. Секој збор и постапка се мерат на партиски кантар, секое влакно се цепе на две и строго се класифицира: наше – нивно, ваму – таму.

И двете страни имаат одамна воспоставени системи, хиерархии, војски и полиции, приоритети, агенди, херојски традиции, навики, селективно паметење, здруженија за негување на ова или она, деноноќна индустрија на спин, армија на медиуми, мрежи за комуникација, дресирани клиенти, трабанти, вешти лица, вљубеници и платеници кои се хранат и живеат исклучиво од негувањето и одржувањето на ваквата поделеност. Секој обид да се артикулира и застапува некаква средишна позиција се доживува, напаѓа и отфрла како трула неутралност, пакт и капитулација.

Историјата врие од вакви длабоки бинарни провалии. Во средниот век во Византија војувале иконоборците и иконокластите по прашањето дали смее да се слика лицето на Бога. Во 1054 Христијанската црква пукнала на две околу тоа дали e приматот кај Отецот или и кај Синот и дали причеста ќе се прави со лепче со квасец или без квасец. И таквата ситуација натаму природно довела до крстоносните војни. Во 632, по смртта на пророкот Мухамед, почнала битката меѓу Шиитите и Сунитите околу тоа кој е правоверниот наследник на исламот. Оваа битка сеуште трае.

ТЕСЕН КАЛАП

Историјата и политиката ги кројат и пакуваат човечките општества во тесни калапи. Сѐ што штрчи се кастри и гори на клада, плаќа со копање на очи и сечење на јазик.

Во нашиот вилает многумина ја сметаат оваа ситуација како нешто зададено, природна појава која едвај да може да се менува или пропитува, елементарна непогода, нужно зло, нема бегање од судбината, оставени сме на милост и немилост на деспотите, може само да се молиме да не ни се падне некој ептен катиљ.

Фатени во ваков расчекор, со леснотија даваме завети, полагаме заклетви, бацуваме знамиња, ги даваме умот и срцето под кирија, им се молиме на нашите светци и богови, им даваме ишарет на нашите моќници, се приклонуваме на мнозинството. При тоа се разбира, сакале или не, ги заштитуваме нашите лигуши, им прогледуваме низ прсти на нашите злосторници. Ја браниме групата, водачот или организацијата наместо вистината и правдата. Но си велиме, тоа е мудро, тоа е принципиелно, така прават возрасни, тоа е политика, така се штити племето, фамилијата, така се брани иднината. Топло ни е во толпата. Дури сме и горди што ете се жртвуваме за повисоки цели, доброволно гориме на олтарот на историските идеали.

И патуваме во правец за кој не убедуваат дека е единствено праведен и морален и благословен од Бога. Тргаме на една демонстрација, па на втора, па логично и на трета, па потоа сме вовлечени во митинзи, манифести, политички говори, прогласи и колумни, па одговори на напади, па контранапади, па силни акции, па уште посилни реакции, па мафтање со партиски книшки, па итни вонредни седници со анализа на новонастанатата ситуација, па широк ангажман со сечење глави на противниците. Не затоа што сме крвожедни, туку затоа што тоа го бара логиката на настаните. „Па зарем тие би не поштедиле нас?„.

И еве нѐ, како народот од Лилипут, острвено викаме против другата страна – да им се отруе млекото мајчино, да се сотрат, да се истребат, да се поништат, да се помножат со нула, да се поклопат со бетонска плоча, семката да им се затре, трева да не никне по нив. Бараме конечно решение! Нашата победа ќе биде можна само ако тие доживеаат тотален и срамен пораз! Или сме сѐ или не сме ништо!

Од каде тоа кај нас, вакви-никакви обични смртници, тој ангелски стремеж за идеална правоверност и монолитност, таа манастирска потреба белото да е без трошка црно, пријателството да е гроб, лојалноста да е безпоговорна? Навредени сме и разочарани ако некој со најмал збор или гест фрли сенка на вечноста, покаже знак на различност. И така само ние остануваме невини во душата, застанати храбро на браникот на правдата, додека оние другите кукавички тонат во предавство и злоба.

Од време на време ќе се излажеме дека дувнале свежи ветрови, дека работите кај да е ќе се сменат. И навистина, молскавично и преку ноќ, едниот правец се заменува со друг. Со ефикасна леснотија, сѐ што правела предходната власт се става во заграда, пред која се повлекува минус. И така елегантно се ничкосува сета смисла на равенката. Но не дошло до вистинска промена. Тоа само едната исклучивост и едностраност се заменила со друга. Курто го заменил Мурто.

Па обичните луѓе здраворазумски се жалат “Разните шофери, механичари и кондуктери го растурија автобусот. Го потрошија горивото, го упропастија моторот, ги украдоа и распродадоа деловите. Сега не викаат нас патниците да помагаме, велат било доведено во прашање натамошното патување. Разните доктори, сестри и помошен персонал ги украдоа апаратите, инструментите, ги распродадоа лековите и завоите. Сега се повикуваат на нашата морална одговорност и бараат од нас пациентите да станеме и да се бориме за спас на болницата.”

Целиот текст прочтајте го на овој линк

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“.

(Видео) Белград: Годишнина од масовното убиство во „Рибникар“

На денешен ден пред една година настана трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.

На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.

На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.

„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.

На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.

Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.

Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.

„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.

На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.

Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.

Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.

Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.


Репортери без граници: Северна Македонија на 36. место, најдобро рангирана меѓу државите од регионот

Република Северна Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места подобор од 38-то место лани. Од земјите во регионот Северна Македонија е најдобро оценета, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.

-Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во оценката за земјава.

Во однос на Медиумски пејзаж се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои плагијат и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

За политички контекст се забелчежува дека целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

-Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, стои во Извештајот.

Во контекст на правната рамка се посочува дека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, но дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи, а се посочува и на пресудата за ИРЛ и новиот закон за медиумите во делот на рекламирањето.

-Процедурите на SLAPP служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот IRL за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание, нотира Извештајот.

За економски контекст се наведува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање, се додава понатаму, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството, се посочува, е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Во делот за социјланиот контекст стои дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат, како што се посочува, за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религија, 

Кога е во прашање безбедноста на новинарите се констатира дека тие се често мета на вербални напади, а меѓу другото се посочува и за назначувањето специјален обвинител задолжен за случаите на напади врз новинари.

-Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја, стои во Извештајот на Репортери без граници за земјава.

Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Туркемнистан Иран и Северна Кортеја.

Популарно