Вториот поткаст на „Гласот на МААА“ на Македонско-Американската Алумни Асоцијација (МААА) носи наслов „Младите и можностите за претприемништво“.
Дали земјава има потенцијали за претприемништво на младите, ако знаеме дека сме лидери со младинска невработеност? Со таа дилема започна вториот поткаст кој го модерираше Ана Зафирова, новинарка и членка на МААА. Заедно со неа во поткастот учествуваат и Моника Ризовска Таневска, претседателка на Women in Tech Macedonia и ко-основач на Ways2Help и Данчо Димков, претприемач, автор на претприемничка литература, основач на неколку компании а, меѓу нив Bizz Bee Solution.
Низ своите инспиративни лични приказни соговорниците го приближија претприемничкиот животен пат и искуствата кои ги имале.
„Претприемништвото ми помогна за да си го откријам моето „зошто?“. Низ животот има одредени работи што нè трошат, а одредени што нè полнат. Токму претприемничкиот дух ме принуди да се прашам, што е тоа што ми ја дава енергијата и да сфатам дека сум од оние луѓе кои ги исполнуваат работите со кои оставам импакт, кога правам нешто добро. Со Ways2Help им помагаме на социјално загрозени семејства, и тие мали чекори кои ги правиме, ми помогнаа да се спознаам себе си“ – вели Моника Ризоска Таневска.
Според Данчо Димков претприемничките вештини се учат, но подготвеноста за преземање ризици е таа која турка напред. Затоа тој ги охрабрува младите да влезат во таа приказна, да не бараат оправдувања и изговори, затоа што кога си млад ризикот е помал и учиш.
„Ако сакаш да направиш начин, ќе најдеш начин, ако не сакаш да го направиш, ќе најдеш изговор. Затоа што многу поедноставно е да ја обвинуваме државата или инфраструктурата дека е виновна за нешто, отколку да бидеш претприемач и да најдеш начин како да го совладаш предизвикот. Тоа значи hassle, се обидуваш, заобиколуваш, прекокнуваш проблеми, бараш надворешна помош, со цел да најдеме начин како да ги решиме проблемите и да изградиме подобра заедница за сите нас.“ – вели Димков.
За среќа на честите натпревари, хакатони и акцелератори и Ризовска и Димков гледаат „гладна младина“ која сака да создава и да прави убави работи, но се согласуваат околу предизвикот како таа младина треба да се задржи во земјата и да продолжи да создава тука, дома.
„Сите настани кои ги организираме со Women in Tech Macedonia, се пополнети во најкус рок значи има интерес и ентузијазам“ споделува Ризовска Таневска.
Се надеваат дека тој интерес ќе биде пресретнат и со погодна клима и веруваат дека знаењата кои тие ги имаат ќе им бидат од полза на идните претприемачи кои ќе треба да извршат влијание и ќе направат општествени промени во нашата земја.
Ова е вториот од серијалот поткасти на МААА, насловен „Гласот на МААА“ во рамките на проектот „Алумни поттикнуваат волонтерство и воннаставни активности“ и е достапен на следниот линк:
За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте со Зорица Трајкова Стрезовска, претседателка на МААА, на email [email protected] или на телефонскиот број 078/29 79 30.
Со почит,
Македонско-американска алумни асоцијација