ВИДЕО: Меѓуврсничко насилство се појави на интернет

Нова видео снимка на меѓуврсничко насилство се појави во јавноста.На снимката се гледа како две малолетни девојчиња прво вербално, а потоа и физички се пресметуваат, додека 10-ина нивни врсници ги охрабруваат.

Продолжува трендот на тепачки меѓу соученици и нивно снимање. Вчера се појави нова видео снимка која ја згрози јавноста. Се работи за пресметка меѓу две девојчиња. Едното од нив најпрво вербално, а потоа со шамари и клоци го напаѓа другото девојче, кое е немоќно да се одбрани. Никој не реагира на вознемирувачките сцени. Напротив, целата пресметка се снима со телефон, се навива и дополнително се иницира на пожесток дуел.

Психологот Мирјана Јовановска во разговор за Канал 5 вели дека меѓуврсничките насилства не се ништо ново, но проблемот е што ваквите настани се снимаат и објавуваат за да се стекне популарност. Дополнително, не е само воспитувањето во училиштата и домот, туку и технологијата која поттикнува агресија кај децата.

Првата детска амбасада „Меѓаши“ остро го осудува инцидентот. Оттаму велат дека пропустите во системот се неминовни, но она што недостасува е соодветниот пристап до децата кои треба да се научат како правилно да комуницираат, а не да се напаѓаат.

Јавноста се уште се сеќава на бруталната тепачка во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино. Случајот со двете девојчиња кои немилосрдно ја претепаа својата соученичка во училишниот двор, пред очите на поголема група на деца кои навиваа и снимаа со мобилни телефони, стигна и до Центарот за социјални работи и Државниот просветен инспекторат, а на ученичките им беа изречени педагошки мерки.

Коментари

Популарно