Избрани 1600 лица кои ќе се вработат во јавната администрација

На мошне транспарентен начин, со електронско рангирање, во живо на Македонска телевизија, избрани се илјада и шестотини лица од социјално ранливите категории кои добија работно место во јавната администрација.

Изборот беше направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.Во секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.

Во МРТ гостуваа министрите за финансии и информатичко општество и администрација, Зоран Ставрески и Иво Ивановски.

Сите имиња на кандидатите од сите градови низ Македонија кои добија работа, беа објавени и прочитани во отвореното студио.

-Сите тие ќе добијат дополнителни обуки и вештини со цел да целосно бидат во функција на работата која ќе ја работат. Никогаш порано немало ваква програма за вработување во Македонија. Имаме уште многу вакви примери, кои докажуваат дека оваа влада се грижи за оние категории ранливи лица и навистина долга е листата на нови мерки од последните 5-6 години како давањето средства за мал бизнис со цел самовработување на илјадници луѓе, зголемувањата на социјалната помош, поддршката со многу нови програми, проекти и чекори на лицата со посебни потреби и нивните семејства и многу други активности, рече Груевски пред стопанствениците кога го најавуваше овој проект.

Веднаш штом ќе заврши читањето на лицата кои добија работа, ќе бидат објавени имињата на сите 1600.

Коментари

Популарно