Изгаснат пожарот во Безистенот во Струга, горела кровната конструкција

Целосно е изгаснат пожарот што утрово пред 10 часот избувна во кровната конструкција на Безистенот во Струга, потрвди за МИА командирот на Територијалната против пожарна единица Струга, Фети Мазари.

Поради збиеноста од градби во старото градско јадро, во центарот на Струга постоела опасност од зафаќање други објекти, но, брзата интервенција на пожарникарите, според него, спречила поголема штета.

„Постоеше опасност да бидат зафатени и другите објекти, но за среќа ние брзо дојдовме и го изгаснавме. Кровот е зафатен од Безистенот, можеше да се прошири, среќа пожарникарите стигнаа на време. Го изгаснавме и ги спасивме околните објекти“, изјави Мазари.

Пожарот во Струшката пожарна бил пријавен околу 9 часот и 30 минути од граѓани, а интервенирале 11 пожарникари со три противпожарни возила. Во Безистенот во Струга има 315 дуќани во кои се сместени угостителски објекти, бутици и други бизниси, чии сопственици се загрижени поради настанатиот пожар.

„Секој обичен граѓанин е загрижен, а не ние кои имаме бизниси тука од кои живееме и зависиме. Малку застрашувачко е ова. Жал ми е за овие горе кои настрадаа имаат повеќе штета, и долу во некои дуќани ќе имаме штета од водата“, изјави Белки Азиба, сопственик на дуќан.

За состојбата во Безистенот смета дека треба да се грижат дуќанџиите, додека Општината и државата треба да контролираат и превземат мерки за почитување на правилата и мерките за заштита од пожари.

Увидот треба да покаже од што настанал пожарот и колкава материјална штета е предизвикана.

Четворица мигранти загинаа во близина на грчкиот остров Родос

Безживотните тела на тројца мажи и една жена биле извлечени од морскиот дел во близина на грчкиот остров Родос, додека пак на копно биле откриени 25 бегалци и мигранти кои се во добра здравствена состојба, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека, според сведоштвата на преживеаните, , доцна синоќа криумчарот што ги пренесувал ги натерал да го напуштат чамецот додека сè уште биле далеку од копното, по што побегнал.

Бегалците и мигрантите биле оставени во море, 25 од нив успеале безбедно да стигнат на копно, додека пак четворица се удавиле.

Преживеаните преку бројот 112 за итни случаи ги информирале властите и биле префрлени во главниот град на Родос, а крајбрежната служба ги извлекла безживотните тела на тројцата мажи и жената.

Барањето на приватните превозници причина за ново препукување меѓу Град Скопје и претседателот на Советот

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески кој вчера беше повикан од градоначалничката Данела Арсовска да го стави на дневен ред прашањето за приватните превозници, вели дека Советот нема надлежност околу преземените обврски со договорите што превозниците ги имаат склучено со Градот. 

- Не е надлежност на Совет на Град Скопје ниту следење на извршување на меѓусебно превземените обврски меѓу Градот и приватните превозници. За да расправа Совет на Град Скопје околу прашања од негова надлежност, а се поврзани со договорни обврски меѓу Градот и вас како привани субјекти, треба да има предлог од Градоначалник на Град Скопје, вели Славески. 

Според него, сите координатори на советничките групи се запознати со состојбите и барањата на превозниците и се едногласни дека оној момент кога ќе добијат конкретен предлог од градоначалничката за промена на условите во  договорите, предлогот ќе биде ставен на разгледување на првата седница  на Советот.

Во писмото испратено до приватните превозници и до градоначалничката на Град Скопје, Славески наведува дека договорите што приватните превозници ги имаат склучено со ГрадСкопје важат до мај 2025 година.

- Факт е дека вие имате важечки договори за вршење дејност, склучени со Град Скопје во мај  2022  година, откако сте биле избрани за вршители на дејност според определена процедура која ја спроведе Град Скопје. Договорите се склучени на две години, што значи дека истекуваат во мај наредната  2025 година. Во процедурата за учество на јавниот повик и самото склучување договор со Град Скопје сте ги знаеле и сте ги прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар, на што треба да се придржувате сé до истекот на важноста на договорите за вршење дејност во областа на јавниот Градски превоз на територијата на Град Скопје, наведува Славески.

Од Град Скопје одговорија дека барањата за измени на условите за приватните превозници, вклучувајќи ја и цената за километар, ги утврдува Советот. 

- Трајко Славевски или лаже, или навистина не го знае деловникот за работа на Советот кој го води. Имено, поврзано со барањата за измени на условите за приватните превозници вклучително и цената за овој превоз ги утврдува Советот на град Скопје, оттука јасно е дека барањето на приватните превозници е упатено на вистинска адреса до претседателот на Советот на град Скопје и до советниците. До овој момент, Градоначалникот има доставено свое мислење во врска со барањето на приватните превозници, а свое мислење има доставено и Управниот одбор на ЈСП до претседателот на Советот Трајко Славевски, стои во реакцијата од Град Скопје.

Приватните превозници работат со намалено работно време барајќи зголемување на цената за километар.

Мицкоски очекува утре институциите да објават податоци кои се потврда на политиките на краток рок

Очекувам во текот на утрешниот ден некои податоци кои што ќе ги објават институциите да бидат пријатно изненадување и потврда на нашите политики на краток рок, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски на свеченото одбележување на 22-годишнината од формирањето на неговиот коалиционен партнер Демократските сили на Ромите.

Премиерот истакна дека октомври е прв месец којшто после долги години државата го завршила со суфицит, односно заработила повеќе отколку што потрошила.

– Очекувам дека во текот на утрешниот ден, некои податоци кои што ќе ги објават институциите ќе бидат пријатно изненадување и потврда на нашите политики на краток рок. Месец октомври беше прв месец, којшто после не знам колку години го завршивме со суфицит, односно повеќе заработивме, отколку што потрошивме во Буџетот. Тој суфицит е 1 милијарда и 125 милиони денари, нешто што до вчера претставуваше невозможна мисија, ние денеска тоа го реализираме во пракса, рече Мицкоски.

За утре, според објавата на веб страната на Државниот завод за статистика, треба да бидат објавени најновите податоци за трошоците на живот, а прес-конференција има најавено и Народната банка на која треба да бидат објавени есенските макроекономски показатели. 

Во врска со надворешната политика, премиерот рече дека државата успеала достоинствено и аргументирано да се претстави пред нејзините партнери, за што, рече, резултатите се веќе видливи.

– Се боревме достоинствено да се претставиме и аргументираме пред нашите партнери на меѓународната сцена и мислам дека успеавме и дека резултатите се веќе видливи. На маса седиме со најголемите светски велесили. На маса бевме со канцеларот Шолц, на маса бевме и со поранешниот претседател на САД, на маса бевме со најблиските соработници на новиот претседател на САД, кои што дојдоа кај нас во Скопје и разговаравме за иднината, за економијата, за проекти кои што се повеќе проекти на 22 век, рече Мицкоски.

Средбата со најблиските соработници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, премиерот ја оцени како шанса која што „никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат“, и затоа, смета дека државата мора да го искористи тоа на правилен и достоинствен начин.

– Денеска ги видовме истите луѓе кои што беа пред некој месец тука со нас, рамо до рамо заедно со новоизбраниот претседател на САД (Доналд Трамп). Тоа се луѓето што ќе бидат во најблиската негова околина, од негова администрација, шанса која што можеби никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса која што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат, затоа ние мораме да го искористиме тоа на правилен и достоинствен начин за да можеме да го одбраниме тоа што нашите претходници го продадоа последниве седум години, рече Мицкоски. 

Нема простор за грешки, додаде, бидејќи државата треба со крупни чекори да оди напред за најпрво да ги стигне земјите од регионот, а потоа и развиените европски држави.

– Нема да толерирам како претседател на Владата никаква импровизација, неработење или не дај боже некој да го извалка сопствениот образ, мојот образ и образот на граѓаните. Нема повеќе простор за било каква грешка, треба со крупни чекори да одиме напред за најпрво да ги стигнеме земјите во околината, а потоа и развиените европски држави, рече Мицкоски.

Популарно