Денеска е Митровден - голем и многу почитуван празник кај Македонците

Денеска е голем празник за правсолавните христијани. 

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар)во петок неделаа се чествува споменот за Свети великомаченик Димитриј – Митровден.

Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.

Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, наврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден".

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар" среде Пирин. Таму имало „тројалиште" заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија", а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен".На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало."

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај".

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа". Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.

За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј" во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.

Денеска е Зачнување на св. Ана

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 декември.

Денеска е Зачнување на св. Ана.

Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог. Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана. Црквата ги нарекува богоотци.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Франциска Кабрини.

Според службените статистики од 1876 до 1914 година, 14 милиони Италијанци поради неповолните животни услови, ги напуштиле родните градови и заминувале во странство, а најчесто во Америка. Покрај тешката работа, единствената утеха на луѓето, им биле италијанските свештеници. Во тешките услови Господ, им ја испратил света Ивана Кабрина.

Таа неуморно работела со своите сонародници, охрабрувајќи ги во новата татковина. Затоа ја нарекувале Мајка на италијанските иселеници, бидејќи живеела за нив. Поради нејзиното несебично работење и светост, папата Пио Дванаесетти, 28 години по нејзината смрт, ја прогласил за светица.

Денеска се слави Св. великомаченица Екатерина

Денес ја славиме Св. Великомаченица Екатерина, а именден празнуваат: Катерина, Ката, Катица…

Житието раскажува дека светата великомаченица Катерина потекнува од царско семејство од градот Александрија.

Живеела кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век. Мајка ѝ била христијанка, но поради тоа што христијаните биле прогонувани, таа тоа свое верување не го кажувала јавно. На 18-годишна возраст Катерина била ретко убава, паметна и образована девојка со познавање на филозофијата, литературата, а особено ги совладала медицинските науки.

Многу богати кнезови сакале да се оженат со неа, но на сите што ја убедувале да се омажи им одговарала дека ќе се омажи тогаш кога ќе ѝ најдат момче што ќе биде рамно на неа со богатство, убавина и образование. Но такво момче немало. Имало и богати и образовани, но убави и мудри како неа немало.

Во близината на градот живеел еден праведен човек кој Катерина ја упатил во тајните на христијанството. Тој ѝ зборувал за чудесното раѓање на Исус од Пресвета и пречиста Дева Марија, која поради својата светост и чистота станала мајка на Спасителот, а подоцна била однесена на небото каде што ангелите ја служеле и ѝ се поклонувале како на царица. Подоцна Катерина ја сонувала Божјата мајка со својот син и го прифатила христијанството со сета своја душа и разум.

Еднаш кога царот и останатите пагани принесувале жртви и се молеле на паганските идоли Катерина му се обратила со зборовите. „Царе, нели ти е срам што се молиш пред гнасните идоли. Зошто не го запознаете вистинскиот Бог, кој слегол на земјата и зел човечка форма поради нашето спасение. Тој не сака жртви, туку само да живееме според неговите заповеди“. За ова Катерина требало да биде жестоко казнета, но поради нејзината убавина царот посакал да ја придобие за жена, ветувајќи ѝ раскошен живот и богатство, но и да ја оттргне од христијанството.

Но, Катерина сето тоа го одбила со гнасење. Кога царот помислил дека е недостојно за еден цар да се расправа со една жена, повикал педесетина мудреци кои требало да ја разубедат убавата девојка. Но, мудрата Катерина сите нив и многу народ убедила во вистинската Христова вера и ги придобила за христијанството. Поради тоа била осудена на смрт и пратена на губилиште. Главата ѝ била отсечена со меч на 18-годишна возраст на 7 XII/24 XI 305 (според други 310) година.

Преданието раскажува дека подоцна ангелите ѝ го однесле телото на Синајската планина.

Од денес започнуваат Божиќните пости, што претставуваат всушност тие?

Од денес почнуваат Божиќните пости кои траат 40 дена, пред големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7 јануари.

Православната црква запишала дека Божиќниот пост е востановен за верниците да можат, во пресрет на Рождеството Христово, да се исчистат себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело, благоговејно да го пресретнат Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи му го, наместо обични дарови и жртви, чистото срце на верниците и желбата за последување на Неговото учење.

Постот не значи монотона исхрана или гладување, туку урамнотежена исхрана со растителна храна. Секој пост има правила, во кои денови се пости стого, а во кои денови е дозволено масло, вино и/или риба. Верниците строго се придржуваат на црковните правила.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Во текот на целиот божиќен пост не се јаде месо, бело месо и јајца. Маслото и виното се дозволени во сите денови освен среда и петок, кога се пости „на вода“. Риба се јаде секоја сабота и недела, како и на Воведение на Пресвета Богородица, дури и ако празникот паѓа во среда или петок.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември. Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век. Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот - Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.

Популарно