Протест пред обвинителството во Нови Сад: Граѓаните бараат ослободување на активистите

Во Нови Сад попладнево граѓаните се собраа пред Основното јавно обвинителство и судот каде бараа ослободување на локалниот политичар и активист Миша Бачулов.

Тој е меѓу 14-те приведени по демонстрациите поради трагедијата во Нови Сад на Железничката станица, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот го организираше опозициската група граѓани „Мишини херои“, чиј лидер, член на градското собрание, Миша Бачулов е во притвор.

На повик се одзваа стотина граѓани, активисти, народни и покраински пратеници, како и одборници во парламентот во Нови Сад. Некои од нив носеа маици со порака „Слобода за сите“.

Претставникот на здружението „Биди херој“, Душан Милисављевиќ побара сите уапсени да бидат ослободени и судовите да работат чесно, согласно законот и без притисоци.

-Сите неправедно затворени ја имаат нашата поддршка, сакаме слобода за сите неправедно затворени и сакаме судот да работи независно, без притисоци, рече тој.

Тој додаде дека протестот бил организиран полуспонтано и без намера да блокира нешто, но ги покани граѓаните да ги следат социјалните мрежи во следните неколку дена, бидејќи постои план за понатамошно дејствување и список на акции што ќе се реализираат.

Миша Бачулов е уапсен по протестот во Нови Сад, бидејќи наводно истурил фекалии пред Градското собрание, на протестот одржан во вторник на 5 ноември.

Кога беше објавено дека не се работи за фекалии туку за вода од водоводот во Зрењанин, Бачулов по 48 часа минати во притвор е пуштен на слобода.

Тој повторно беше уапсен во петокот на 8 ноември, а 30-дневен притвор му е одреден и на поранешниот потпретседател на Владата на Војводина, Горан Јешиќ.

Полицијата заплени скапо Ламборгини: Зад воланот било 11-годишно дете

Во Призрен, на Косово, запленето е скап автомобил Ламборгини, соопшти косовската полиција, додавајќи дека зад воланот било единаесетгодишно момче, додека неговиот татко бил на совозачкото седиште, пренесоа косовските медиуми

Ова се случило вчера, кога при патролирање, полицајците го забележале автомобилот без регистарски таблички.

Според КП, зад воланот било единаесетгодишно момче, додека на совозачкото седиште бил неговиот татко.

Редовните претседателски избори во Хрватска ќе се одржат на 29 декември

Редовните претседателски избори во Хрватска ќе се одржат на 29 декември, одлучи денеска Владата.

Рокот за поднесување на кандидатурите ќе почне на 28 ноември. Доколку не биде избран претседател во првиот круг, тогаш вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 12 јануари 2025 година.

Досега има вкупно 12 потенцијални кандидати, а само актуелниот претседател Зоран Милановиќ најави кандидатура за нов петгодишен мандат. Според анкетите Милановиќ е фаворит, а на второ место е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), независниот кандидат Драган Приморац, поранешен член на ХДЗ. Приморац има многу помал рејтинг од Милановиќ, но би можел да влезе во вториот круг.

Потенцијалните кандидати за да учествуваат на изборите треба да соберат потписи од 10.000 полнолетни граѓани. Секој избирач може да поддржи само еден кандидат со свој потпис.

Официјалната кампања започнува на 13 декември и ќе трае до 28 декември на полноќ, односно 24 часа пред изборите.

Доколку ниту еден кандидат во првиот круг не освои мнозинство гласови од сите гласачи кои гласале, двајцата кандидати со најголем број гласови влегуваат во вториот круг.

Петгодишниот мандат на актуелниот претседател Милановиќ истекува на 18 февруари 2025 година и тој има право да се кандидира за уште еден мандат.

Уапсени 11 лица за трагедијата на железничката станица во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека вкупно 11 лица се уапсени и приведени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. Меѓу уапсените се министерот за градежништво Горан Весиќ, директорката на Инфарсатруктура на железниците на Србија Јелена Танасковиќ, поранешниот директор на Инфарсатруктура на железниците на Србија Небојша Шурлан и помошник на министерот за железнички транспорт Анита Димоски, јави дописникот на МИА од Белград.

По истрагата и деталната анализа на целата потребна документација, разговори со поголем број граѓани, и по извршеното вештачење за утврдување на причините и околностите под кои дошло до пад на настрешницата, што на 20 ноември беше доставено до обвинителството, и запознавање со наодите и мислењето на стручни лица од градежната струка, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад се уапсени и приведени вкупно единаесет лица.

Поради постоење основи на сомнение, осомничените Ј.Т., Ѓ.В., А.Д. и Н.Ш. сториле кривично дело Тешко дело против општата сигурност од член 288 став 2 од КЗ во врска со кривичното дело Предизвикување општа опасност од член 278 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

-Осомничени: С.Н., М.Ј., Љ.М.М., М.С., Д.Ј., М.Г. и Д.Т. сториле кривично дело Тешко дело против општата сигурност од член 288 став 2 од Кривичниот законик во врска со кривичното дело Непрописно и неправилно извршување градежни работи од член 281 став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението.

Според РТС, меѓу 11-те уапсени се Горан Весиќ, Јелена Танасковиќ, Небојша Шурлан и Анита Димоски.

Во Вишото јавно обвинителство во Нови Сад претходно беа сослушани 66 лица, а распит чекаат уште пет лица.

При падот на настрешницата загинаа 14 лица, додека тројца се тешко повредени.

Дваесет и четиригодишната Ања Радоњиќ почина во Клиничкиот центар во Војводина и таа е петнаесеттата жртва во несреќата во Нови Сад.

Доктор Драган Николиќ, управник на Ургентниот центар на КЦ Војводина, вчера изјави дека лекарите постигнале напредок во лекувањето на две тешко повредени лица, кои беа извлечени од урнатините на Железничката станица во Нови Сад.

Популарно