Разбиена организирана група: Увозници, шпедитери и царински службеници шверцувале употребувани возила

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на авто-плацеви во Македонија без да се платат увозни давачки.

Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на прес-конференција на која информираше за случаите.

Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на Буџетот на државата е многу поголема, затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

„Досега, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат за други лица, при што некои од нив ќе се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки“, потенцира Николовски.

Поконкретно, во овие случаи, како што информира директорот, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни авто – плацеви во државата.

Николовски порачува дека нема да има простување, и оти се става крај на организираниот криминал и корупцијата. Откривањето на овие случаи, вели, е само почеток од она што следи, при што ќе продолжат со исто и засилено темпо кон откривање и спречување на сите вакви криминални појави и со зголемување на приходите во Буџетот.

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Дваесетгодишник од Прењас се обидел нелегално да влезе на македонска територија

Полициски службеници на граничниот премин Ќафасан, на албанско - македонската граница кај Струга, во багажник на патничко возило „БМВ" открилњ лице, кое нелегално требало да биде пренесено на македонска територија.

Според Полициската управа од Корча, возилото го управувал М.Ч. (25), а затекнатото лице во багажникот е А.Б.(20), двајцата од пограничното гратче Прењас.

М.Ч. е уапсен и ќе одговара за кривично дело „помош за илегално преминување на државната граница“, а за сторено кривично дело „недозволено преминување на државната граница“ ќе одговара А.Б.

Мицкоски: Нашата иднина е да изградиме модерна и безбедна инфраструктура

Нема подобар начин да ви ги честитаме празниците освен со она што најдобро знаеме да го правиме, работа и резултати, вели премиерот Христијан Мицкоски.

„Драги пријатели, почитувани сограѓани, патот по кој чекориме заедно со министерот за транспорт, Александар Николоски е новиот експресен пат Чатал - Длабочица - Крива Паланка во должина од 25,5 км, кој е голем чекор напред за нашата инфраструктура и економија.

Со вакви проекти Македонија ќе го зајакне своето место на Балканот како важен транспортен коридор.

Нашата иднина е да изградиме модерна и безбедна инфраструктура.

Ветивме и исполнуваме! Македонија со секој ден станува сѐ повеќе ваша и се враќа на народот.

Нема подобар начин да ви ги честитаме празниците освен со она што најдобро знаеме да го правиме, работа и резултати!“, стои во објавата на премиерот Христијан Мицкоски.

Популарно