Градоначалникот на Општината Центар, Андреј Жерновски, на прес-конференција што сам ја свика истакна дека нема намера да биде пречка за поставување на трите споменици на албанските дејци, кои се дел од проектот „Скопје 2014“, пренесе Дневник.
Станува збор за обележја на Пјетер Богдани, основач на албанската книжевност, Јосиф Багери, познат поет, и Неџат Аголи, првиот министер за здравство. Трите обележја с` уште се леат, а од Центар не знаат кога точно ќе пристигнат во Скопје.
- Не сакам да бидам причина за меѓуетнички тензии - рече Жерновски и додаде дека истото се однесува и за античката колонада, за која исто така, пред изборите е склучен договор со изведувачи.
Според досегашните објаснувања на надлежните, споменикот на Неџат Аголи е предвидено да се постави во близина на споменикот на Гоце Делчев на плоштадот Македонија, на Јосиф Багери пред Стариот театар, а обележјето на Пјетер Богдани во паркот „Жена-борец“.
Прифаќањето да се постават преостанатите споменици од „Скопје 2014“ не ја одложува нарачаната ревизија. Жерновски рече дека с` уште нема одговор од Јавното обвинителство за првиот прелиминарен дел од ревизорскиот извештај, но посочи дека конечниот ќе биде готов до средината на ноември.