Ќерката на Чавков: Мојот татко не е е терорист

Мојот татко Митко Чавков нема ништо сторено за да заслужи ваков третман, немаат ништо сторено ниту останатите притворени, единствено нешто за кое што се виновни е што си ја сакаа Македонија, истакна на вечерашниот протестен марш ќерката на екс министерот Митко Чавков, Зорица Чавкова.

-Јас сум Зорица Чавкова, горда на своето презиме, горда на својот татко. Што и да направат, каква монструозна приказна да измислат, нема да го сменат тоа. Јас сум горда на своето презиме. Мојот татко не е терорист, не се терористи ниту неговите колеги кои работеа долги години во Министерството за внатрешни работи. Се бореа за безбедноста на оваа држава, за безбедноста на граѓаните на Македонија. Не се терористи ниту Игор Дурловски, ниту Борис Дамовски, ниту Богдан Илиевски го знам тоа јас, го знаете тоа вие, цела Македонија го знае тоа, не се терористи, рече Чавкова.

Денес во истражниот затвор се сретнала со мајката на Дамовски. Била брутално бркана и не и дозволиле да му ги достави на синот најпотребните работи.

-Денеска пред шалтерите на Шутка ја сретнав мајката на Борис Дамовски. Ниту знае каква му е здраствената состојба, ниту знае дали нешто му е потребно, ниту знае дали се чувствува безбеден. Не и дозволија да му ги достави најнеопходните работи, ја бркаа брутално. Госпоѓо Лукеа главата горе. Јас и моите најблиски и семејствата на останатите притворени ќе се бориме, секој ден ќе се бориме за оваа мизерија да дознае цел свет, да дознат сите ширум светот како се третират нашите патриоти. Институциите во земјата моментално молчат, под притисок се, страв им е да преземат било што, молчат. Се ова што ни се случува денеска ќе остане само лош сон. Ќе остане само лош сон тоа ви ветувам на сите. Историјата и народот секогаш ќе ги слави патриотите, а не оние кои кукавички, кукавички заради разно разни интереси се обидувале да подметнат и да наместат некого. Почитувани сограѓани, мојот татко се вработи во полицијата пред 30 години, ги помина сите скалила од инспектор до директор на БЈБ, до министер, зад него стојат десетици признанија и домашни и меѓународни за се што има сработено на полето на безбедноста, додаде таа.

Семејството Чавкови и досега било мета на закани.

-После секоја успешно завршена акција, нашето семејство се справуваше со безброј закани. Сигурна сум дека ист придонес за оваа држава имаат и останатите за кои сега се обидуваат да не убедат дека се терористи, не се терористи. Мојот татко Митко Чавков нема ништо сторено за да заслужи ваков третман, немаат ништо сторено ниту останатите притворени, единствено нешто за кое што се виновни е што си ја сакаа Македонија. Срамно е да се одаваат наредби за упад во нашите домови во утринските часови, да се третират нашите најблиски како терористи, во исто време да се ослободуваат криминалци кои што се теретат за тешки убиства. Единствено нешто што пронајдоа во нашиот дом беше телефонот на татко ми и службениот пиштол. Зарем тоа е најопасното оружје и најдобриот доказ за да можат да докажат дека е терорист, зарем телефоните на Дурловски, Дамовски, Илиевски или било на кој од другите приведени се најопасното оружје и доказ за да ги третираат како терористи. Оваа срамна конструкција од која што подоцна ќе се срамат, ќе се срамат и ќе се оградуват меѓусебно ќе си ја префрлаат одговорноста. Зарем има подобар доказ на неправда и раеваншизам и од сликите кои што излегоа од најблиските. Сликите во затворот, сликите во судницата, зарем слушнале за презумција на невиност? Политичарите од актуелната власт молчат. Ви благодарам за поддршката што ни ја давате, ви благодарам од мое лично име, од име на моите најблиски, од името на татко ми, од името на семејствата на останатите притворени. Ви благодарам вечерва што сте овде, се гордеам со своето презиме, се гордеам со својот татко Митко Чавков, заврши Зорица Чавкова.

Свршеницата на Никола Карев умрела со неговиот свршенички прстен на раката

Големата љубов на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, и учителката Коца Тасева-Хаџова била кратка, но бурна и трагична, какво што било и времето во кое се случила – Илинденското востание и Крушевската Република. Во џебот на палтото на војводата Карев дента кога бил убиен, пред сто и девет години, кај селото Рајчани, Кочанско, аскерот ја нашол фотографијата на неговата свршеница. Таа фотографија, всушност единствената фотографија на Коца, била објавена во турските весници неколку дена подоцна, заедно со информацијата за убиството на Карев. Пред да биде отстапен на Архивот на Македонија, еден примерок од тој весник долго време се чувал во домот на семејството Кареви во Крушево.

Скршена од поразот на востанието, учителката Коца Тасова-Хаџова, по задушувањето на Илинденското востание и пропаста на Крушевската Република, со свршеничкиот прстен на раката и големата златна меџидија зашиена во работ на фустанот заминала од Крушево за Костур, а следната година се вратила во својот роден град Струга. По разделбата со својот свршеник во 1903 година во Крушево, двајцата веќе никогаш не се виделе. Умрела во 1907 година, две години по убиството на Карев. Прстенот и златната меџидија, подарок од Карев, заедно со личните предмети и облека на Коца по нејзината смрт долго се чувале во домот на Хаџови во Струга. Многу години подоцна свршеничкиот прстен и меџидијата како семејно наследство ги зела Даница, помладата сестра на Коца Хаџова, а другите лични предмети и облека останале кај постарата сестра Ленка.

Пред неколку години, при последниот разговор со неа, тогаш осумдесет и двегодишната Вера Кумбароска од Струга сѐ уште живо се сеќаваше на времето кога во 1939 година, на нецели 16 години, се омажила за Димитар Кумбароски, син на најстарата сестра на Коца Тасова-Хаџова. Нејзината свекрва умрела во 1947 година, но во тие осум години, колку што живееле заедно, речиси немало ден Ленка да не ја спомне својата покојна сестра. Од неа Вера дознала за свршеничкиот прстен, но и за знамето на Крушевската Република, извезено со косата на Коца. Знамето што сама го извезла, Коца го донела од Костур во Струга, и до 1917 година било скриено во црквата „Свети Ѓорѓи“.

Во 1917 година Ѓорѓи и Сотир Чакарови, бегајќи заедно со Бугарите, со себе во Софија го однеле и знамето: „Во 1984 година, преку врски на наши роднини во Софија, успеав да го видам знамето со свои очи. Се растреперив и не можев да ги сопрам солзите кога ја допрев косата на тетка ми Коца. Да не го однеле Чакаровци во Софија, тоа знаме денес можеби ќе беше во некој наш музеј. На Музејот на Крушевската Република, на пример, јас му предадов повеќе предмети на Коца, меѓу кои и пелерина, полче (блуза), бојче (здолниште) и друго. Се разбира, сето тоа го предадов без никаков надомест. Дома зачував само еден нејзин фустан, пелерина и шеширче со фарош, со мрежа за над очите. Тоа е тежок фустан од црна свила, од кребањо, купен во Солун во почетокот на минатиот век. Фустанот е со пласрон, кој паѓа над градите и е сошиен по врвна мода во тоа време. Со тој фустан тетка Коца се свршила со Никола“, се сеќаваше Кумбароска.

Според неа, фустанот, стар сто години, не беше само големо национално богатство туку и нејзина приватна реликвија. Самата ни кажуваше дека често го вади од орманот, го закачува во собата и со часови го гледа замислувајќи ја неа. Гледајќи го фустанот, можела да замисли дека Коца била многу лична, стројна и висока жена; вистинска убавица. Оттука претпоставуваше дека со Никола Карев биле прекрасен пар, зашто читала дека и тој бил убавец. За жал, неговиот свршенички прстен и златната меџидија, според Кумбароска, ги собрала од куќата на своите родители најмалата сестра на Коца, Даница, која исто така била учителка. Подоцна таа прстенот и меџидијата ѝ ги подарила на сопругата на својот син Боро, всушност на снаата Љупка Чакар, правник во пензија. Прстенот бил од старо злато, тежок и уникатен, со изгравиран лик на војвода, веројатно на Никола Карев. Златната меџидија била направена од пет златни турски лири. Старицата се надеваше дека Боро и Љупка Чакар би можеле да го дадат барем свршеничкиот прстен за музеј, зашто тој е дел од македонската историја, а не само приватно богатство.

 Во него била облечена дента кога била прогласена Крушевската Република, но во него била облечена и на скромната свршувачка со Никола Карев. 

Според сеќавањата сочувани во семејството, Коца била погребана со големи почести од граѓаните на Струга во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи“, веднаш зад олтарот. Подоцна гробот бил преместен, но и покрај тоа Ленка, најстарата сестра на Коца, секој Велигден оставала црвено јајце токму на тоа место, зад олтарот на црквата.

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Популарно