Социјалните мрежи се преполни со барање српскиот рокер Бора Ѓорѓевиќ, кој в недела треба да го затвори фестивалот во Скопје Пиволенд да му се извини на македонскиот народ, за неговите изјави дека Македонија не постои. Ние го плаќаме со државни пари (спонзор на фестивалот е градот Скопје), а тој нас нè негира. Ќе земе пари од држава што не постои, коментираат на Фејсбук.
Бора Ѓорѓевиќ во деведесеттите години изјавуваше дека Македонија не постои и дека е јужна српска бановина.
„Член сум на српското четничко движење, национално движење, кое е многу постаро од Втората светска војна. Националист сум, и тоа е добро”, изјави Бора Чорба во емисија на хрватската „Тв Нова“. Тој во емисијата „Ред карпет“ на „ТВ Нова“ изјави дека „Спремете се, четници“ е македонска песна, а Македонија е јужна српска бановина.
Бора Ѓорѓевиќ во своите настапи по разни дискотеки често го кажува и вицот – „Македонците се Срби со тешката говорната маната“.
Македонија во последниот период стана вистинска Мека за остарените фолк и рок-ѕвезди од Србија и од Хрватска. По фестивалите на македонските општини во последниов период неизбежни станаа турбофолк-ѕвездите и остарените рокери како Цеца, Брена, Џеј, Аца Лукас, Здравко Чолиќ, Харис Џиновиќ, Рибља Чорба, Бајага… Хонорарите, барем според официјалните информации се од 30.000 евра, па надолу.