Секојдневно сме сведоци на најава на разни активности по повод десетгодишнината од смртта на Тоше Проески, и тоа од страна на Фан клубот и Фондацијата… Но, годините минуват, а некои нешта не се менуваат.
Срамно е што и после десет години ништо не е променето со вечното почивалиште на најголемиот пејач на Македонија, гласот кој не прослави во Европа и светот, човекот кој секогаш имаше добар збор и дело за секого, кој помогнуваше секогаш кога беше во состојба…а нему нема кој да му помогне…За десет гдини никој не се најде да го „среди“ и уреди просторот каде што почива…
Во октомври се навршуваат 10. години од трагичната смрт на Тоше Проески, а на неговото вечно почивалиште, ќе затекнете срамна глетка…
Имено, неговиот гроб се наоѓа на Гумење, над неговото родно Крушево. Тоше и понатаму почива во импровизирана гробница покриена со теписон од вештачка трева во која е забоден дрвениот крст со неговото име, дата на раѓање и смртта.
Гробницата е поплочена со бекатон плочи, кои пропаѓаат и тонат, импровизираната метална конструкција е прокриена и заградена со пластика и најлони.
Таква слика на гробот на македонската звезда затекнуваат сите посетители на вечното почивалиште на македонскиот ангел…И, можеби ќе слушнат дел од комуникацијата на луѓето кои го одржуваат…
„Дај малку вештачка трева да покријам тука. Дај ми неколку кадифени срциња да ’ги закрпам’ дупките тука. Ти среди ја оваа страна, јас ќе ја маскирам другата да не се гледа дека местово е во распаѓање“ бил дијалог кој секојдневно го воделе тројца луѓе кои се грижеле за уредувањето и обезбедувањето на гробот на Тоше Проески. Тоа им станувало се’ потешко бидејќи земјата на гробот тонела, а страничните бекатон плочи и кровната конструкција попуштале.
„Што да правиме: Местото го обезбедуваме од втори ноември 2007. година. Многу луѓе дочекавме и испративме. Сите носат цвеќе, кадифени срциња, кукли, мечиња…Ние тоа го средуваме, но некои работи не можат да се маскираат со подароци. Гробот е во очајна состојба. Телото на Тоше е покриено со земја која постојано тоне, а на неа е теписон со вештачка трева. Паѓаат и страничните бекатон плочи, а попушта и кровната конструкција. Се’ се распаѓа“ .
Со реченицата „Кога би видел каде е, Тоше би се превртувал во гробот“ во разговорот се вмешал еден од фановите на починатиот македонски пејач и разочарано продолжил понатаму.
Во 2008. година во Собранието на РМ била донесена одлука за изградба на меморијален споменик на Тоше Проески, кој постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Со средства од буџетот споменикот требало да биде готов за две години. Оттогаш мина скоро деценија а Тоше и понатаму почива во гроб на кој нема ниту надгробна плоча.
Над Крушево се издигнува манастирот „Свето преображение“. Најголема заслуга за неговата изградба имал Тоше Проески.
„Тука наоѓам свој духовен мир и знам дека после се’ ќе завршам тука“ рекол во една пригода Тоше.
Иако видеото датира од средината на мај на просторот на вечното почивалиште на Тоше Проески ништо се нема променето.