Дајана Армстронг од Минесота не ги скратила ноктите цели 25 години. Невообичаеното „хоби“ за одгледување нокти и нивно украсување ја сместило на почесните страници на Гинисовата книга на рекорди како шампионка со најдолги нокти.
Дајана официјално е жената со најголема должина на нокти во историјата. Според Гинис, нејзиниот најдолг нокт (на палецот) е еден метар и 38 см. Како што рекла, последен пат ги исекла ноктите во 1997 година, а престанала да ги обликува и крати по смртта на нејзината ќерка, која починала на 16 години во текот на ноќта поради тежок напад на астма.
Дајана раскажала дека таа и нејзината ќерка Латиша имале ритуал на средување на ноктите и дека нејзината ќерка секогаш правела маникир. По нејзината смрт, таа се зарекла дека никогаш повеќе нема да ги скрати.
„Секогаш кога ќе помислам дека треба да ги скратам, се ежам и ме обзема тага и очај кои ги почувствував оној ден кога почина. Не сакам да поминувам низ тоа, па ги оставив такви какви што се. На тој начин чувствувам дека ми е поблиску“, рекла Дајана за „Fox“.
Додава дека не ги пуштила за да влезе во Гинисовата книга на рекорди и дека не сака што луѓето ја осудуваат, бидејќи не знаат низ што поминала.
Со оглед на тоа дека должината на ноките во просек ѝ е повеќе од еден метар, секоја вообичаена дневна рутина ѝ е предизвик. Бидејќи не може со раце да земе одредени работи, почнала да ги користи стапалата. Поради ноктите престанала да вози автомобил.
Дајана дозволува внуките да ѝ ги средуваат ноктите додека им се фали дека е Гинисова рекордерка.